Вовед: Регионалната анестезија кај деца во последните години е широко прифатена. Зголемената заинтересираност за неа делумно се должи и на примената на ултрасонографијата, која дава сигурност и прецизност кај анестезиолошкиот тим. Адјувансите се користат со цел да се продолжи времетраењето на сензорниот и на моторниот блок, лимитирајќи ја кумулативната доза на локалните анестетици. Употребата на адјуванси при периферни нервни блокови во педијатриската популација сè уште е во фаза на истражување.Цел: Целта на студијата е да се докаже ефектот на адреналинот и на дексаметазонот како адјуванси на локалните анестетици при периферни нервни блокови на горните екстремитети кај педијатриските пациенти.Материјали и методи: Во студијата се опфатени 63 пациенти од 4–14-годишна возраст примени на Универзитетската клиника за детска хирургија за оперативен третман на скршеница на горен екстремитет во периодот јануари 2020 – март 2021 година. Пациентите се рандомизирани во три групи и сите пациенти од групите добиле интравенска аналгоседација (мидазолам 0,1 mg/kg i.v., фентанил 1 µg/kg i.v. и пропофол 5–10 mg/kg/h) пред изведување на периферниот нервен блок. Кај пациентите во првата група (21 пациент) се аплицирал супраклавикуларен или интерскаленски блок со 2 ml лидокаин 2 % и бупивакаин 0,25 % (max 2 mg/kg) со вкупен волумен од 0,5 ml/kg. Во втората група пациенти (21) се аплицирале 25 µg адреналин во 2 ml на 2 % раствор на лидокаин и 0,25 % бупивакаин (max 2 mg/kg) со вкупен волумен од 0,5 ml/kg и во третата група (21) 2 % лидокаин 2 ml и 0,25 % бупивакаин (max 2 mg/kg) во комбинација со 2 mg дексаметазон со вкупен волумен од 0,5 ml/kg. Резултати: Во студијата се покажа дека кај пациентите во првата група просечното времетраење на сензорниот блок изнесуваше 7 часа, додека времетраењето на моторниот блок изнесуваше 5 часа и 30 мин. Во втората група (адреналин) времетраењето и на сензорниот и на моторниот блок беше продолжено во просек околу 30 минути во однос на првата група. Во третата група (дексаметазон) времетраењето на сензорниот и моторниот блок беше сигнификантно подолго во споредба со првите две групи '28p < 0.0001).Заклучок: Адреналинот и дексаметазонот го продолжуваат времетраењето на дејството на локалните анестетици при периферни нервни блокови на горните екстремитети кај педијатриските пациенти, а со тоа и ја намалуваат потребата од аналгетици во постоперативниот период. [ABSTRACT FROM AUTHOR]