Вовед: Хируршкиот третман на хронична пателарна тендинопатија може да биде отворен или артроскопски. Сè уште не постои заедничка согласност во однос на изборот на најдобар хируршки третман. Цел: Целта на нашата студија беше да се евалуираат клиничките резултати по минимално инвазивен артроскопски третман на хронична пателарна тендинопатија вклучувајќи и ресекција на долниот пол од пателата. Методи: Во студијата беа вклучени 14 пациенти со средна возраст од 26 години и хро- нична пателарна тендинопатија рефрактерна на неоперативен третман подолг од 6 месеци. Кај сите пациенти беше извршен артроскопски дебридман на Хофиното масно перниче позади пателарната тетива, дебридман на оштетената пателарна тетива и ресекција на долниот пол од пателата. Предоперативната и постоперативната евалуација беше направена преку клинички преглед, снимање на магнетна резонанца и преку резултатите од Lysholm и Victorian Institute of Sport Assessment-Patella (VISA-P) прашалниците. Враќањето на спортските активности и постоперативните компликации беа исто така нотирани. Просечното следење на пациентите беше 12,2 ± 0,9 месеци. Резултати: Сите 14 пациенти продолжија со спортски активности, но само 12 од нив (85,7%) постигнаа исто ниво на спортување како пред појава на симптомите. Средното време потребно да се вратат на исто ниво на спортување беше 3,9 ± 0,8 месеци. Пациентите покажаа значително подобрување во просечните резултати од Lysholm (51,1 ± 3,8 до 93,4 ± 4,2; p=0,001) и VISA-P прашалникот (42,1 ± 3,5 до 86,7 ± 8,4; p=0,001). Постоперативни компликации не се појавија. Заклучок: Презентираната артроскопска техника дава намален морбидитет и задоволи- телни резултати со побрзо закрепнување и враќање на спортските активности кај пациентите со хронична пателарна тендинопатија. [ABSTRACT FROM AUTHOR]