Заднина: Иако постојат бројни клинички докази што ја поддржуваат оксидативната КВБ-хипо- теза, малку е познато за ефектот на статините врз LDL/HDL-оксидативната функционалност. Оттука, целта на оваа студија беше да се евалуираат антиоксидативните ефекти на росувастатинот,преку следење на подложноста на LDL на оксидација и антиоксидативниот HDL потенцијал кај субјекти со низок до умерен КВ-ризик. Методи: Во студијата беа вклучени 40 возрасни амбулантски пациенти (53,8 ± 10,9 години, 27 жени и 13 мажи). Беа собирани податоци од историите на пациентите, физичкиот преглед и крвните примероци, според дизајнот на студијата. Субјектите беа поставени на терапија со росувастатин 20 мг/ден. Беа следени традиционалните ризик-фактори/индикатори, липидните параметри, инфлама- торните/имуните маркери, подложност на LDL на оксидација и HDL-антиоксидативниот потенцијал. Следените обележја беа статистички анализирани со t-тест, Chi-square тест, еднонасочна ANOVA, Mann-Whitney и Kruskal-Wallis тестови. Беа направени мултиваријантни логистички регресиски анализи. Резултатите се сметаа за статистички значајни при р ≤ 0,05. Резултати: 67 % од испитаниците покажаа пониска подложност на LDL на оксидација по третманот со росувастатин (р = 0,03), без значаен ефект врз базалната LDL-оксидација и lag-времето. Сите три маркери на LDL-оксидацијата покажаа асоцијации со липидниот профил на субјектите, нивоата на хемоглобин и нивоата на IL-1α и IL-8 проинфламаторните маркери. 53 % од испита- ниците покажаа повисок антиоксидативен капацитет на НDL по третманот, иако без статистичка значајност (р = 0,07). Поголема веројатност за зголемен антиоксидативен HDL-потенцијал по трет- манот со росувастатин беше забележана кај машкиот пол (OR = 9,350; р = 0,010) и кај субјектите што постигнаа пониски нивоа на релативен КВ-ризик по третманот (повисока КВ ризик-редукција) (OR = 0,338; р = 0,027). Заклучоци: Оваа студија укажува на потребата од паралелно испитување на оксидативниот стрес и LDL/HDL-функционалноста, особено кај субјектите со низок до умерен КВ-ризик. [ABSTRACT FROM AUTHOR]