Во последниве години забележана е растечка тенденција на употреба на фитотерапевтиците како алтернатива на комерцијалните фармаколошки агенси при третманот на беингната простатна хиперплазија (БПХ). Целта на оваа студија е да ги евалуира ефектите на алкохолниот екстракт од Serenoa repens врз симптомите кај пациентите со БПХ и врз основните параметри во текот на едногодишно клиничко следење. Истражувањето е извршено врз 70 мажи со возраст во опсег од 40 - 79 години (просек 60,58) со симптоматска БПХ кои беа поделени во две групи: група СРТ составена од 40 пациенти третирани со екстракт од Serenoa repens и контролна група од 30 пациенти кои не примаа терапија, односно беа исклучиво клинички следени. Следниве парамтери беа определувани при поставувањето на дијагнозата (појдовна точка), како и 6, односно 12 месеци подоцна: волумен на простатата, серумскиот простатно-специфичен антиген (PSA), како и урофлоуметриските параметри кои вклучуваа максимална брзина на проток на урината (MFR), просечна брзина на проток (AFR) и волуменот на заостаната урина по празнењето на мочниот меур (PVRV). Покрај тоа, релевантните симптоми кај пациентите беа евалуирани користејќи го интернационалниот систем на бодување на симптомите на простатата (IPSS). Кај пациентите од СРТ-групата е регистрирано статистички значајно зголемување на просечните вредности на MFR и AFR и намалување на PV во однос на тие кај контролната група. Забележани се сигнификантни разлики меѓу застапеноста на пациентите со волумен на простатата >40 ml кај СРТ-групата, наспроти контролната група. Просечните IPSS-бодови беа високо сигнификантно намалени кај СРТ-групата. Умереното подобрување на протокот на урината, волуменот на простатата и на IPSS-бодовите во текот на 12-месечниот третман со екстракт од Serenoa repens укажуваат на возможна ефективност на овој фитотерапевтски агенс кај пациентите со БПХ. [ABSTRACT FROM AUTHOR]